Ул. Димитрие Чуповски 15
+389 (0) 2 3117 255

ОПИС НА КОНЦЕПТОТ НА СПИСАНИЕТО НАШ СВЕТ

ЗА УЧЕНИЦИ ОД ШЕСТО ДО ДЕВЕТТО ОДДЕЛЕНИЕ

1. Списанието Наш свет е конципирано врз база на барањата на наставната програма во основното образование со акцент на научно-популарни текстови кои на учениците ќе им овозможат да ги надополнат своите знаења од различни области (литература, природни науки, историја, претприемништво, традиција, култура...). Во тој контекст, се користат малку познати факти, најнови истражувања и актуелни трендови и достигнувања во сферата на комуникацијата и технологијата и линкови до соодветни содржини на Интернет.

2. Содржината на списанието ги следи и ги инкорпорира сите актуелности предвидени со наставната програма. Освен тоа, тимот кој го создава особено внимание посветува на употребата на стандардниот македонски јазик. Целта, меѓу другото, е текстовите стилски да се адекватни на возраста и психо-физичките способности на децата.

3. Во контекст на концептот, целта на Наш свет е да информира, да едуцира и да забавува. Не да генерализира, морализира и да поставува стереотипи, туку да предизвика интерес, амбиција, да претстави позитивни модели на однесување, да поттикне на истражување и креација. Токму поради тоа настојуваме да бидеме актуелни, иновативни и во чекор со новите генерации читатели, при што главниот фокус ни е воспитно-образовната функција на списанието.

4. Со оглед на тоа што станува збор за училишно списание, редовно сме присутни во училиштата, ги претставуваме најталентираните ученици, нивните успеси и во текот на годината спроведуваме литературни и ликовни конкурси и избор за најталент. Во списанието се застапени творби, писма и дописи на ученици за она што е актуелно во нивните училишта.

5. Особено внимание се посветува на ликовно-графичкото обликување на списанието. Визуелните прилози се со највисок квалитет и се соодветна илустративна поддршка на текстуалните содржини. Се следат најновите трендови кога станува збор за дизајнот и визуелното обликување при што појдовна точка е минималистичкиот пристап со цел на читателите да им се овозможи полесно фокусирање на суштината на секоја рубрика.

6. Во графичка смисла, се користи 90 г офсетна хартија која овозможува извонредно висок квалитет на печат.

7. При поставувањето на овие принципи е користена соодветна литература за создавање списанија за училишна возраст, но и нашето долгогодишно искуство, стручното мислење на психолози, педагози и наставници, а сето тоа е според желбите на нашите читатели.